Мајчиното млеко е најдобар избор на храна за Вашето бебе бидејќи совршено е приспособено на потребите на бебето и претставува најадекватна исхрана за него. Вашето млеко ги содржи сите потребни хранливи состојки и го штити бебето од инфекции и од болести.
Доењето, исто така, е корисно и за Вас. Му помага на Вашето тело да се врати во форма како пред бременоста и може да го намали ризикот од рак на градите и на јајчниците, остеопороза, кардиоваскуларни болести и од дебелина. Не заборавајте дека доењето е евтина и секогаш достапна резерва од млеко за Вашето бебе.
Некои жени лесно и природно се навикнуваат на доењето, додека на други им е потребно повеќе трпение и решителност, особено ако се мајки за првпат.
Меѓутоа, постојат одредени причини зошто да не се дои, како на пример ако Вашето бебе има проблем со цицањето, бидејќи лачењето млеко е поврзано со побарувачката. Многу жени доживуваат болка, испукани брадавици, дури и затнати канали и инфекции, што може да претставува голем предизвик и конечно да заврши со одлука да не се дои, особено ако ова влијае и врз нивното емоционално здравје. Некои жени можно е да страдаат од сериозна анемија или од други здравствени проблеми, при што препорачливо е да не се дои.
Откако внимателно ќе ги разгледате опциите и ќе одлучите да не доите, не се чувствувајте виновно поради тоа. Адаптираното млеко ќе обезбеди сѐ што е потребно за раст и развој на Вашето бебе. Тоа, исто така, нуди добра можност и Вашиот партнер да биде повеќе вклучен во овој процес, а за Вас тоа ќе значи помалку грижа дека сѐ што ќе изедете или ќе се напиете ќе се пренесе на Вашето бебе.
Без оглед на тоа дали сте одлучиле да доите или не, процесот на хранење е одличен начин да изградите врска полна со љубов со Вашето бебе, со тоа што ќе го држите блиску до Вас и ќе остварувате контакт со очи, зборувајќи му нежно и топло. Најпосле, родителството е многу повеќе од доење.
Првите неколку дена градите ќе Ви произведат жолтеникава течност која се нарекува колострум. Колострумот е важен за да му помогне на дигестивниот систем на Вашето бебе да воспостави функција и да го заштити од инфекции. Потоа Вашите гради ќе почнат да произведуваат млеко и веројатно ќе ги чувствувате пополни и потопли.
Најголем предизвик во доењето претставува првиот месец кога Вие и Вашето бебе ги учите техниките на доењето. Хранењето веројатно ќе биде почесто и подолго сѐ додека бебето не добие сила и ритам. Важно е да знаете дека резервите од млеко зависат од побарувачката, па количината што се создава ќе се зголеми или намали во зависност од тоа колку често го храните бебето. Затоа е препорачливо да доите секогаш кога Вашето бебе ќе покаже интерес за тоа (хранење по потреба), иако на почетокот ќе Ви се чини дека постојано само доите.
Кога бебето е гладно, може да стане немирно, да си ги цица прстите или тупаницата или да ја врти главата и да отвора уста. Најдобро е при првите знаци бебето веднаш да се нахрани бидејќи доењето на бебе кое плаче може да претставува тешкотија.
Доењето е техника што треба да ја совладаат како мајката така и детето, за што може да е потребно време, а со тоа и трпение. Ако сте првпат мајка, важно е да ја научите техниката на доење. Поради тоа, ако сѐ уште не сте посетиле предавање за доење, може да се консултирате со Вашата патронажна сестра која ќе Ви помогне во совладувањето на техниките за доење и ќе сподели со Вас важни совети. Со ова ќе Ви се помогне да се осигурате дека Вашето бебе соодветно се храни и ќе Ви се зголеми самодовербата да истраете во одлуката да доите.
Бебето може да го доите во различни позиции, но важно е прво Вие да заземете удобна положба. Може да користите и перници како потпора, ако тоа помага. При доењето главата и телото на Вашето бебе треба да се во права линија, а потпората треба да биде на вратот, рамената и на грбот за да може бебето да ја движи главата и полесно да голта. За да се оствари подобра врска со градата, треба да го приближите бебето до неа, а не да ја принесувате градата до устата на бебето. Најдобро е носот на бебето да се центрира на брадавицата за да го натерате широко да ја отвори устата. Многу е важно бебето да ја земе градата со целата уста, така што Вашата брадавица ќе му заврши во задниот дел од устата. При правилно доење, неговата глава треба да е наведната малку наназад и со брадата да ја допира Вашата града, за носот да биде слободен за дишење.
Најдобро е наизменично да се менуваат градите при секое доење. За време на едно доење од двете гради, обидете се прво да ја испразните едната града, а потоа префрлете се на другата. Ова е важно бидејќи првичната количина млеко е потечна, а потоа млекото е погусто и полно со калории.
Исто така, можно е да забележите дека или имате вишок или малку млеко во Вашите гради. Ова е нормално и по некое време количеството млеко треба да се синхронизира со распоредот на хранење на Вашето бебе.
Ако имате вишок млеко во градите, повеќе од она што Вашето бебе може да го исцица, може да се обидете да измолзите дел пред да го доите бебето. Можно е да дојде и до извесно истекување на млеко кога не доите, што е нормално и покажува дека имате доволно производство на млеко. Влошките за гради можат да придонесат за поголема удобност.
Треба да сте свесни дека ако не се измолзи вишокот млеко во текот на подолг период, тоа може да предизвика инфекција на ткивото на градите, којашто се вика маститис. Градите ќе Ви станат црвени, потечени, топли и ќе болат, а може да имате и симптоми како треска и главоболка. Важно е да продолжите да си го доите бебето бидејќи тоа е најдобар начин да се отстрани маститисот. Ако и по неколку дена симптомите продолжат, посетете доктор.
Исто така, можно е да немате доволно млеко и да забележите дека Вашето бебе е немирно по доењето и не ја зголемува својата тежина. Во овој случај треба да се размисли доењето да се дополни со адаптирано млеко и со Вашиот педијатар да се разговара за опциите.
Веројатно една од најголемите грижи во првите денови од животот на бебето за поголем број мајки кои дојат е дали бебето добива доволно млеко. Вие не можете да ја измерите количината млеко која ја произведувате, но има одредени знаци кои можете да ги следите. По доењето Вашето бебе треба да е сито и задоволно. Исто така, добар индикатор е и тоа дали пелените се суви или мокри. По неколку дена Вашето бебе треба да има најмалку 6 мокри (тешки) пелени во 24 часа и, што е мошне важно, треба да се создава мека жолта столица.
Нормално е Вашето бебе да изгуби дел од почетната (родилна) телесна тежина во текот на првите две недели, но потоа треба да почне да добива тежина, што, исто така, е индикатор дали има доволно резерви од млеко.
Доењето не треба да е болно, но првите неколку дена можно е да ве болат брадавиците, што е нормално. Ако брадавиците продолжат да бидат суви, испукани или да крвават, Вашето бебе веројатно не ја фаќа добро градата. Може да се обидете со производи за нега на брадавици во текот на доењето, но најдобро е да се консултирате со Вашата патронажна сестра за да обезбедите соодветно доење.
Направете го доењето згодно и практично
За да Ви е поудобно при доењето, може да размислите да носите посебни градници за доење, коишто се многу практични и обезбедуваат брз пристап до Вашите гради. Исто така, згодно е да се носи широк горен дел или блуза со копчиња однапред, а марама околу Вашето рамо ќе Ви обезбеди поголема интима и е практична, особено ако доите надвор.
Без оглед на тоа дали доите или не, важно е Вашата исхрана да биде што е можно поздрава. Можеби бременоста предизвикала недостиг на одредени микрохранливи елементи кај Вас, а од друга страна, грижата за бебето и сите попатни обврски дополнително Ве истоштуваат. Потребно Ви е разновидно мени за да можете да ги задоволите секојдневните потреби.
Доколку доите, потребна Ви е исхрана која не само што ги задоволува Вашите потреби туку и обезбедува доволно хранливи состојки за висококвалитетно мајчино млеко кое ќе придонесе за раст и развој на Вашето бебе. Ова е особено важно во првите неколку месеци од животот на бебето кога тоа зависи само од храната што ја добива преку доењето.
Важно е повторно да се држите до исхрана која е богата со свежо овошје и зеленчук за да ги добиете потребните витамини и минерали, како и растителни влакна за подобро варење.
Добри извори на јаглехидрати се: леб, компири, ориз, тестенини и жита. Кога е можно, одберете полнозрнести жита и оставете ја лушпата на компирите кога ги печете за да го зголемите внесувањето растителни влакна. Протеини може да добиете од: месо, јајца, риба и млечни производи. Гравот, грашокот и леќата се добра замена за месо. За подобро справување со килограмите, препорачливо е да се држите до незаситените масти, како што се растителните масла.
Кога доите, можеби ќе забележите дека Вашето бебе реагира на одредена храна и можеби ќе треба да го приспособите Вашето мени. Обидете се повторно што е можно повеќе да се држите до планот за разновидна исхрана за да внесете доволно од она што Ви е потребно.
Не заборавајте да пиете многу вода за да сте хидрирани. Некои жени ожеднуваат кога дојат.
Вклучување мрсна риба во Вашата исхрана, богата со омега 3 масни киселини (како лосос, пастрмка, сардина и скуша), е важно и по бременоста, особено ако сте мајка која дои. 1,7Докажано е дека кога мајката дневно внесува 200 mg DHA, придонесува за нормален развој на мозокот и на очите на бебето.
Доколку сте загрижени за потеклото и за можните загадувачи на рибата што е достапна или ако Ви е позгодно да земете додаток во исхраната, спокојно можете да се потпрете на Премама Дуо бидејќи го содржи точното количество DHA што е потребно.
Сепак, доколку не сте сигурни околу изборот на храната, може да размислите да се посоветувате со доктор или со нутриционист.
Избегнувајте преработена храна, како и храна полна со шеќери бидејќи таа е многу калорична, а има ниска хранлива вредност. Сѐ што ќе постигнете со консумирање таква храна е да го одложите враќањето на старата форма и фигура.
Иако можеби чувствувате дека со кофеинот се борите против заморот, препорачливо е да го внесувате во мали количини бидејќи кофеинот кај Вашето бебе може да предизвика немир и дополнително да Ви го наруши ритамот на спиење. Не заборавајте дека, освен кафето, и чајот, чоколадото и одредени безалкохолни пијалаци содржат кофеин и внимавајте при нивното консумирање.
Избегнувајте ги алкохолот и пушењето во текот на доењето бидејќи, исто така, можат негативно да влијаат врз Вашето бебе.
Конечно, и покрај сите напори да правите сѐ најдобро, тешко е секогаш да сте успешни и сигурни дека добивате доволно од Вашата исхрана. Поради тоа, Премама Дуо е препарат формулиран за да им помогне на мајките по бременоста, особено на доилките, обезбедувајќи есенцијални микрохранливи елементи за нивното здравје и за развојот на нивните бебиња.
Сега, со пристигнувањето на Вашето бебе, почнувате нова фаза во Вашиот живот. Веднаш по породувањето некои жени се чувствуваат среќно и возбудено, но не се грижете ако Вие не се чувствувате така бидејќи е сосема нормално на почеток да имате „измешани“ чувства.
Ако сте првпат мајка, секоја мала работа поврзана со Вашето бебе ќе претставува ново искуство за Вас, што може да е и прекрасно и напорно во исто време.
Недоволниот сон во текот на ноќта веројатно е најголем предизвик за секоја мајка и може да влијае врз неа како физички така и емоционално. Следете го ритамот на Вашето бебе и одморајте секогаш кога Вашето дете спие. Научете како да поставувате приоритети, правете го само она што е неопходно и оставајте ги домашните обврски на другите што е можно почесто. Сосема е во ред да се побара помош и таа да се прифати кога ќе Ви биде понудена.
Некои жени може да поминуваат низ постпородилна депресија. Тие обично се чувствуваат тажно, немоќно, несигурно и вознемирено или претерано се осетливи. Ако имате вакви чувства, отворено разговарајте за нив и побарајте помош и поддршка. Можете да разговарате со Вашиот доктор, но, исто така, и со семејството и со пријателите, а особено се од помош мајките кои веќе го искусиле тоа.
По породувањето Вашето тело претрпува одредени промени. Исто така, ќе имате вагинално крвавење во текот на следните неколку недели, а како што Вашата матка постепено ја враќа својата форма, може да почувствувате и болка во долниот дел од стомакот.
Некои жени имаат проблем со хемороиди, кои веројатно ќе исчезнат за неколку дена.
Иако сето ова е нормално, задолжително закажувајте редовни прегледи кај Вашиот гинеколог за да се направат потребните испитувања и да разговарате за сѐ што му се случува на Вашето тело.
И покрај тоа што сeга имате бебе во семејството и дополнителни обврски, исто така, нормално е да одвоите и време за себе. Ова ќе Ви помогне да се релаксирате и да си го подигнете духот. Може да се обидете и да направите распоред на времето коешто ќе го издвојувате за себе кога Вашиот партнер или другите членови на семејството ќе поминат време со бебето без Ваше присуство. Не го користете ова слободно време за да ги надоместите домашните обврски, туку искористете го најдобро што можете, возобновете ја врската со себе и правете ги работите што сакате да ги правите. И не чувствувајте вина поради тоа! Не заборавајте дека Вашето емоционално здравје е важно како за Вас така и за целото семејство.
Може да размислите и повторно да ја воведете рутината на вежбање за да се чувствувате поенергично и порелаксирано и да му помогнете на Вашето тело да се врати во форма. Најпрво најдобро ќе биде да почнете внимателно за да не претерате. Разговарајте со Вашиот доктор пред да донесете каква било одлука.
Во врска со Вашиот сексуален живот, не се грижете ако е потребно време за да Ви се врати сексуалниот нагон. Вие минувате низ големи физички и емоционални промени, а со мајчинските обврски што ги имате сега и со недостигот од квалитетен сон, ова е сосема нормално и очекувано. Кога сепак ќе се почувствувате подготвени за секс, во принцип е во ред доколку престанало вагиналното крвавење. Сепак, секогаш е најдобро прво да се консултирате со Вашиот гинеколог.
Повторно, грижата за себе значи придржување до здравата исхрана и земање Премама Дуо за да Ви помогне во држењето чекор со мајчинските обврски и во обезбедувањето мајчино млеко со добар квалитет за Вашето бебе.
Конечно, грижата за мало бебе е истовремено најубавата, но и напорна работа за секоја жена. Освен што е важно да водите добра грижа за Вашето бебе, исто така е важно и задоволувањето на Вашите потреби. Не заборавајте да си честитате за сѐ што досега сте постигнале и да уживате во секој ден од животот на Вашето бебе бидејќи ќе порасне за момент.