Прееклампсијата е состојба уникатна само за бременоста кај човекот.
Што претставува прееклампсијата?
Прееклампсијата е состојба уникатна само за бременоста кај човекот.
Прееклампсијата се манифестира со покачување на крвниот притисок за време на бременоста или непосредно после породувањето, кај трудници кои имале нормален крвен притисок пред бременоста, придружено со зголемено ниво на белковини во урината. Поретко, со покачениот крвен притисок се јавуваат и намалување на бројот на тромбоцитите во крвта, проблеми со црниот дроб или бубрезите, појава на течност во белите дробови, или знаци на проблеми со мозокот како што се напади (еклмапсија) и/ или проблеми со видот.
Точната причина за преекламсијата сеуште не се знае, сепак истражувањата покажуваат дека болеста најверојатно започнува во постелката уште со нејзиното формирање на почетокот на бременоста, под влијание на некои имунолошки, генетски и/или надворешни фактори. Многу често може да немате никакви симптоми и болеста да ви биде случајно откриена при рутинското мерење на крвниот притисок и проверката на урината при антенаталниот преглед кај вашиот матичен гинеколог.
Најголем дел од жените со прееклампсија ќе родат здрави бебиња и целосно ќе закрепнат. Како и да е, некои жени ќе доживеат и компликации, мал дел од нив и животно- загрозувачки за мајката и бебето. Состојбата на мајката може да прогредира кон тешка форма за многу краток временски период.
Зошто е потребно да знам доколку имам прееклампсија?
Ова заболување е релативно често, и го засега здравјето на две до осум од 100 жени за време на нивната бременост. За среќа, најчесто е во лесна форма и има многу мало влијание на бременоста. Како и да е, многу е битно да знаете доколку го имате ова заболување, бидејќи кај мал дел од жените може да прогредира кон многу посериозна болест. Тешката прееклампсија може да биде животно- загрозувачка состојба, како за мајката така и за новороденото.
Околу една на 200 жени ( 0.5%) ќе развијат тешка прееклампсија за време на нивната бременост. Симптомите имаат тенденцијата да се развиваат на крајот од бременоста, но исто така за прв пат може да се јават и после породувањето.
Во симптоми на т.н тешка прееклампсија се вбројуваат:
- – Оток на на лицето, рацете или нозете и нагло зголемување на телесната тежина (повеќе од 1 кг неделно).
- – Силна главоболка која што не поминува со употреба на секојдневни аналгетици
- – Проблеми со видот, како што се замаглен вид или светки пред очите
- – Интензивна болка непосредно под ребрата
Овие симптоми се сериозни и доколку ги имате треба веднаш да побарате лекарска помош.
Кај тешката форма на преекламсија може да бидат зафатени и други органи како што се бубрезите или црниот дроб и може да биде присутен проблем со згрутчувањето на крвта. Тешката преекламсија може да прогредира до конвулзии (грчеви слични на епилепсија) пред раѓањето или непосредно после раѓањето на Вашето бебе. Овие напади ги викаме еклампсија, тие се ретки, а се јавуваат кај една од 4000 бремености.
Како може прееклампсијата да влијае врз новороденото бебе?
ПРЕМАТУРИТЕТ
Ширум светот, прееклампсијата е одговорна за 20% од сите 13 милиони предвремени породувања секоја година.
Бебето се смета за предвремено доколку се роди пред 37-та гестациска недела, но поизразени проблеми може да има доколку се роди пред 32-та гестациска недела.
Ефектот од тоа да се биде роден предвреме широко варира. Некои бебиња може да им е потребно само ден или два дена под интензивен мониторинг, додека други може да ги поминат првите месеци од нивниот живот во единиците за интензивна нега. Некои бебиња исто така може да имаат долгорочни потешкотии, особено тие што се родени пред 32-та гестациска недела и што имаат многу мала родилна тежина – помалку од 1500 грама.
Интраутерин застој во растот (ИУЗР)
Прееклампсијата може да биде причина за намален проток на крв низ постелката, ограничувајќи го дотурот на храна за бебето. Како резултат на тоа бебето може да стане потхрането и со помала тежина за гестациската возраст. Ултразвукот може да помогне во детектирањето на оваа состојба.
Најголем дел од бебињата родени како ИУЗР ја надоместуваат тежината во првите неколку месеци од животот, иако неодамнешните испитувања упатуваат на тоа дека бебињата родени со застој во растот имаат поголема веројатност за развој на некои болести во зрелото доба како што се дијабетот, конгестивната срцева слабост и хипертензијата.
Од 30 милиони ИУЗР бебиња родени ширум светот секоја година, 15% ( 4.5 милиоми ) се асоцирани со прееклампсија.
Мајките не треба да се окривуваат себеси или лошата исхрана за ИУЗР, бидејќи тој е причинет од недобро развиената постелка, а не од исхраната на мајката. Вие може да јадете се што е здраво, но доколку постелката не е способна да направи пренос на нутритиентите до фетусот, растот на бебето ќе биде засегнат.
Намалување на кислородот кај бебето
Вашето бебе преживува во матката преку добивање на хранливи метрии и кислород преку постелката. Лошо развиената постелка и хипертензијата во бременоста со прееклампсија придонесуваат за намалување на крвниот дотур на кислород кој е од витална важност за преживувавање на нероденото бебе. Како што се трошат резервите со кислорот на вашето бебе, неговото тело ќе започне да произведува се повеќе млечна киселина. Доколку се создаде премногу млечна киселина, бебето ќе развие ацидоза или закиселување на целиот организам што влијае неповолно на состојбата на бебето внатре во матката. Породувањето е есенцијано во овој момент, дури и ако бебето е незрело.
Долгорочни последици
Преекламсијата е поврзана со мноштво на долгорочни последици за некои од бебињата родени предвремено, како што се потешкотии во учењето, психомоторни потешкотии, а поретко и епилепсија, нарушување на видот и слухот. Со прематуритетот исто така доаѓа и ризикот од продолжена хоспитализација, мала родилна тежина за гестациската возраст и нарушување на значајното време на поврзување во фамилијата. Прематуритетот предизвикува стрес во фамилијата, и овој стрес е уште поголем доколку и мајката е болна.
Интегриран систем на мајчина и грижа за бебето може да ги редуцира некои од горенаведените последици. Тука се подразбира рана дијагноза на прееклампсијата, следење на состојбата на мајката и фетусот, превенција на мајчини напади, безбедно предвремено породување кога е индицирано и обезбедување на потребната интензивна грижа за предвремените новородени. Како и да е, потребно ни е сеуште истражување. Потребно ни е да пронајдеме ефективен третман кој не подразбира породување.
Што е лекот?
Сега за сега, единствениот ‘лек’ за преекламспијата е породувањето. Кога во бременоста ќе се дијагностицира прееклампсија, мајката и нејзиното сеуште неродено бебе треба внимателно да се следат. Постојат лекови и третмани (симптоматски) кои можат да ја пролонгираат бременоста, што може да ги зголеми шанските на бебето за преживување. Еднаш штом се развие прееклмапсија, таа не може да се сопре. Во некои случаи, бебето мора да биде родено веднаш, без одложување, со цел да се спаси животот на мајката или бебето.
Акушерите велат, лекувањето започнува со породувањето, бидејќи сепак жената сеуште е на ризик за прееклампсија и други хипертензивни нарушувања на бременоста и после породувањето. Затоа, императив е секоја жена после породувањето да продолжи да ја контролира својата состојба уште најмалку 6 недели.
Кој е на ризик за развој на прееклампсија и дали може да се превенира?
Преекламсијата може да се развие во било која бременост, но Вие имате поголем ризик доколку:
- – Вашиот крвен притисок бил висок пред бременмоста или во претходната бременост.
- – Имате проблем со бубрезите или дијабет (шекерна болест), или болест која го афектира имунолошкиот систем како што е лупус
Доколку било што од погоренаведеното е присутно кај Вас, сесоветува да започнете со превентивно земање на 75-150 мг аспирин еднаш дневно, не покасно од 16-та гестациска недела.
Значајноста на другите ризик фактори е помалце јасна, но имате поголем ризик за развој на преекламсија од општата популација доколку кај Вас се присутни повеќе од еден од следните ризик фактори:
- – Тоа е Вашата прва бременост
- – Имате под 18 или повеќе од 40 години
- – Последната бременост била пред повеќе од 10 години
- – Имате прекумерна телесна тежина – БМИ ( body mass index) > 35
- – Вашата мајка или сестра имала прееклампсија
- – Бремени сте со повеќе од едно бебе (близначка бременост).
Како се мониторира трудница со прееклампсија?
Доколу Ви се дијагностицира преекламсија, треба да бидете хоспитализирани. За време на Вашата хоспитализација редовно ќе биде мерен Вашиот крвен притисок и доколку е потребно ќе Ви биде дадена терапија за негово симнување. Вашата урина ќе биде тестирана за да се измери точното количество на белковини во неа и ќе Ви биде направена детална анализа на крвната слика. Срцевата фрекфенција на Вашето бебе ќе се следи и ќе Ви биде направен ултразвук за следење на растот и добросостојбата на бебето.
Со оваков мониторинг се продолжува се додека резултати покажуваат дека можете безбедно да продолжите со Вашата бременост. Овие иследувања може да се прават и амбулантски доколку имате лесна форма на прееклампсија. Но, доколку имате тешка форма на преекламсија и постои опасност по Вашето здравје или добросостојбата на Вашето бебе, може да бидете породени и порано, било со т.н индуцирано предвремено породување или со предвремен царски рез. Сето тоа се остава на проценката на искусниот акушер.
Секоја одлука на акушерот треба да се образложи на пациентката.
Што се случува по породувањето?
Прееклампсијата вообичаено поминува после породувањето. Но, доколку пациентката има тешка форма на прееклампсија компликациите може да се случат и во првите неколку дена после породувањето и затоа треба да се следи пациенкатата интензивно. Кога ќе биде испуштена од болница, ќе добие совет од доктор колку често треба да го мери крвниот притисок и колку време да ги пиете апчињата. Шест до осум недели после породувањето потребо е да се направи контрола кај матичниот гинеколог за проценка дали настапила нормализација на крвниот притисок и проверка на урината за присуство на протеини. Доколку се утврди присуство на покачен крвен притисок и после 6 недели од породувањето или присуство на протеини во урината , пациентката треба да биде упатена на нефролот, бидејќи најверојатно станува збор за претходно неоткриена хронична хипертензија.
Дали повторно ќе се јави прееклампсија во следната бременост?
Една од шест жени кои имале прееклампсија ќе развијат повторно во следната бременост.
Една од две жени ќе имаат повторно прееклампсија во следната бременост , доколку бебето морало да се роди пред 28 гестациска недела,
Една од четири жени ќе имаат повторно прееклампсија во следната бременост, доколку бебето морало да се роди пред 34 гестациска недела.
На секоја пациентка треба да и се објасни можниста за повторна преекламспија во следната бременост и потребата за дополнителен третман како превенција за истата.