На конференција одржана од страна на Националниот институт за здравје на САД (US National Institute of Health) на тема: „Употреба на додатоци во исхраната кај жените: моментален статус и идни насоки“, донесени се заклучоци во однос на потребите од хранливи материи на бремените жени и на доилките.
Како што е генрално прифатено, се препорачува ексклузивно доење во првите 6 месеци од животот на детето, земајќи ја предвид адекватната исхрана и резервите од хранливи материи на мајката, при што доволни количини од нив се пренесуваат на детето. Составот на мајчиното млеко е променлив и зависи од нејзината исхрана, што е најевидентно во однос на витаминскиот состав.
Се смета дека потребите од хранливи материи се значително поголеми во периодот на лактација во однос на периодот на бременоста.
Овој заклучок се базира на тоа што во првите 4 до 6 месеци бебето ја удвојува својата родилна телесна тежина, добиена во 9. месеци на бременост. Се смета дека енергетската вредност на млекото излачено во овие 4 месеци е еквивалентна на вкупната енергетска вредност на бременоста. Исто така, богатството со хранливи микроелементи во исхраната на мајката игра важна улога при лактацијата бидејќи е проценето дека зголемувањето на потребата од хранливите микроелементи е дури и поголема отколку зголемувањето на енергетските потреби. Дополнително, проценето е дека за одредени микрохранливи елементи потребата во текот на доењето е поголема во однос на периодот на бременоста, како што се: витаминот Ц, витамините Б1, Б6, Б12, пантотенската киселина, биотинот, холинот, витаминот Е, цинкот, јодот, селенот итн.
Може да заклучиме дека здравата исхрана која обезбедува висока хранлива содржина е особено значајна во периодот на доење, како за мајката, да се спречи недостиг, така и за детето, да се обезбеди соодветен раст и развој.
Вклучувањето на додаток во исхраната наменет за жени кои дојат не е замена на здравата исхрана, но е сигурен извор на поддршка во овој значаен период од Вашиот и од животот на Вашето дете.